Македонија „Студентски пленум“ в среда пред платото на УКИМ

„Студентски пленум“ в среда пред платото на УКИМ

„Студентски пленум“ ги почна собирите по најавите за воведување на екстерно тестирање во високото образование

Студентската иницијатива „Студентски пленум“ на својата фејсбук-страница објави дека четвртиот по ред собир на студентите ќе се одржи в среда, точно напладне, пред платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј, пренесува „Радио МОФ“.

Студентите почнаа да организираат собири пред повеќе од две недели по најавите од Министерството за образование за воведување на екстерно тестирање во високото образование.

Ставот на „Студентски пленум“ е дека ваквиот потег на Министерството е противуставен, го ограничува правото на образование на секој студент и ја нарушува универзитетската автономија.

„Студентски пленум“ неодамна организираше собир пред Ректоратот на УКИМ, за прашањето за екстерното тестирање да биде точка на дискусија на состанокот помеѓу ректорот и универзитетскиот Сенат, но и три средби на кои се дискутираше за ова прашање.

Од „Студентски пленум“ најавуваат студентски марш на 17 ноември, по повод меѓународниот ден на студентите. Овој студентски марш има идеја да го обедини студентското тело во Македонија, да го истакне проблемот околу (не)репрезентативноста на Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и да поттикне студентскиот активизам.