Македонија „Студентски пленум“: Нашите барања ја надминуваат партијата

„Студентски пленум“: Нашите барања ја надминуваат партијата

Од неформалната студентска организација „Студентски пленум“ истакнуваат дека зад студентските протести не стои ниту една политичка партија и дека нема да дозволат да бидат прибрани под ниту едно „партиско милје“.

„Би сакале уште еднаш да подвлечеме дека нема да дозволиме да бидеме прибрани под ниту едно партиско милје. Нашите барања ја надминуваат партијата, тие се нешто повеќе. Како значаен општествен сегмент, како студенти (академски граѓани), сакаме да ја истакнеме нашата интелектуална независност, нашата слободна и критичка мисла која не е диригирана од ниту една популистичка агенда, туку е последица на разумноста и на обмисленоста. Нашиот органон се аргументите, кои не се насочуваат против партиите, туку против неправдата. Затоа ве замолуваме да ја почитувате нашата решителност“, се вели во сооштението на „Студентски пленум“ објавено на нивната официјална фејсбук-страница.

Премиерот Никола Груевски вчера, говорејќи на Конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, ја обвини опозицијата дека стои зад протестите на студентите.
– Ако сте способни, толкави мажи, организирајте митинг, не се сокривајте зад децата. Смислете некоја причина и организирајте митинг. Сега кој знае што планираат, па закажаа за петок, па за среда, видоа дека нема да им успее, па да дојдат родителите и граѓаните. На крај, сè ќе се сведе на протест на партиски активисти. Тоа ќе биде само едно викање, носење пароли пред Владата – рече премиерот Груевски.