Галерија Студентите порачаа: Партии не примаме, само индекс имаме

Студентите порачаа: Партии не примаме, само индекс имаме

Околу илјада студенти се собраа пред платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ каде што на Меѓународниот ден на студентите го почнаа маршот под мотото „Заедно против екстерното тестирање на факултетите“, организиран од „Студентски пленум“. Студентите носеа транспаренти испишани со зборовите „Екстероното, Титаник на високото образование“, „Активирај се, реализирај се, студентизирај се“, „Јас сум повеќе од бројче“.

– Се преставувам само како студент и во рацете ја држам единствената членска книшка што ја имам и се вика индекс. „Студентски пленум“ има цел да го изрази својот револт против пасивноста на должните институции. За денешниот марш, повод е најавата за екстерно тестирање од страна на Министерството за образование, со кое врши упад во автономијата на универзитетот – вели студент, дел од организацијата.

Со паролите „Не за екстерно“, „Партии не примаме, само индекс имаме“, „Доста беше молк“, „СПУКМ банда под партиска команда“, студентите го продолжија протестот  пред Владата на Република Македонија, седиштето на Студентскиот парламент и пред Министерството за образование и наука.

– Од професорите ја имаме апсолутната поддршка. Кога бевме да ги известиме дека ќе учествувавме на овој марш, сите нè поддржаа и ни дозволија денеска да не присуствуваме на настава. Студентскиот парламент не излезе со нас на протест поради политичка обоеност, тој е исто толку вреден колку и Владата – рече студентот Маријан Рангелов.

„Фејсбук“ коментарите за протестот можете да ги прочитате тука.