Ctrl - Z Студентите на УКИМ преку „ориентациски денови“ се запознаа со факултетите и програмите

Студентите на УКИМ преку „ориентациски денови“ се запознаа со факултетите и програмите

Студентите на факултетите каде беа одржани ориентациски денови можеа да се запознаат со дел од наставниот кадар, студиските програми, Центарот за кариера на УКИМ, но и да дознаат повеќе за работата на студентските собранија

Ориентациски денови на ФИНКИ, УКИМ / фото: Мета.мк

Неколку факултети во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) изминатава недела организираа „ориентациски денови“ – серија настани и предавања кои имаа за цел да ги воведат студентите-бруцоши во начинот на функционирање на факултетите и им дадоа можност да се запознаат со колегите од повисоките години и професорите.

Предавањата кои се одржаа пред првиот академски час ги подготвија студентите од Универзитетското и факултетските студентски собранија во рамки на УКИМ, во соработка со нивните професори.

Стотици студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) беа дел ориентациската недела на оваа високообразовна установа. Токму ФИНКИ пред три години прв започна со организирање на ориентациски недели – пример што годинава го следат уште неколку факултети, како Економскиот, Правниот, Медицинскиот, Филолошкиот, ФЕИТ и други.

„Сметаме дека сите студенти треба да имаат вовед во работата на факултетите, универзитетот и, генерално, студентскиот живот, за на тој начин да им се помогне да се снајдат. Овој период од животот знае да биде предизвикувачки за бруцошите, особено за оние кои доаѓаат од друг град, па ова им е нова средина. Секогаш е добро кога има некој тука да ти помогне  дури си на почеток – дали професор, студент или колега. Идејата е да се вмрежат, да се запознаат со нашата работа, да се опуштат и да сфатат дека студентскиот живот треба да биде најдоброто искуство во животот“, вели Александар Ристоски, заменик-претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

Ориентациски денови на Правен, УКИМ / фото: Мета.мк

Студентите на факултетите каде беа одржани ориентациски денови можеа да се запознаат со дел од наставниот кадар, студиските програми, Центарот за кариера на УКИМ, но и да дознаат повеќе за работата на студентските собранија. Пред бруцошите беа одржани и презентации за тоа како да аплицираат за државните мерки како субвенциониран студентски оброк, бесплатен јавен превоз и студентски стипендии.

Инаку, на УКИМ утре ќе се одржи првиот академски час, на кој се очекува да присуствуваат сите бруцоши. На платото на општествениот кампус е предвидена целодневна програма, која започнува во 10 часот наутро.