Хроника Струмичани преку „Фејсбук“ продавале фалсификувана спортска опрема и парфеми

Струмичани преку „Фејсбук“ продавале фалсификувана спортска опрема и парфеми

Секторот за внатрешни работи Струмица поднел четири кривични пријави против осуммина осомничени, од кои седум струмичани и еден скопјанец, кои се товарат дека продавале фалсификувана спортска опрема и парфеми преку „Фејсбук“, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Како што информираат оттаму, поднесени се пријави со кои осуммината осомничени се товарат за кривичните дела прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама и повреда на авторско право и сродни права.

Според МВР, осомничените, кои се на возраст од 18 до 27 години, во текот на минатата и на почетокот на оваа година преку изработени страници на социјалната мрежа „Фејсбук“, продавале фалсификувана спортска опрема, патики и тренерки од марките „Адидас“, “Најки“, “Валентино“, “Армани Џинс“, “Илевен“, “Ла Кост“ и “Пума“. Покрај спортска опрема тие продавале и неоригинални парфеми од брендовите “Пако Рабан“, “Каролина Херера“, “Армани“, “Долче и Габана” и “Булгари“.

„Заинтересираните купувачи кои биле измамени дека опремата и парфемите се оригинални, преку пораки на страниците на “Фејсбук“, ги оставале нивните лични податоци и големинскиот број на патики или тренерки, како и податоци за парфемот кој сакаат да го купат. Потоа пријавените преку курири за достава на поштенски пратки ги доставувале бараните производи до домовите на купувачите на подрачјето на Македонија“, се наведува во соопштението на МВР.

Екипи на СВР Струмица, по добиена наредба од судија на предходна постапка извршиле претрес во домовите на осомничните каде биле пронајдени и одземени „поголема количина спортска опрема и парфеми, компјутери, мобилни телефони, пари, картонска амбалажа од обувки како и документација од испраќани пратки“.