Свет Европа Стотици илјади луѓе во Франција на улица против пензиските реформи

Стотици илјади луѓе во Франција на улица против пензиските реформи

Фото: Touam (Hervé Agnoux) - Own work, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=124710307

Втор бран на протести ја зафати Франција против плановите на францускиот претседател Емануел Макрон за да се зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години. Осум големи синдикати се организатори на протестот, а низ целата земја денеска на улица излегоа стотици илјади луѓе за да протестираат, пишува Би-би-си. 

Низ Франција е нарушено функционирањето на училиштата, јавниот превоз и рафинериите за нафта. По првичниот протест низ целата земја што привлече над 1 милион лица, денеска во неколку француски градови беа забележани и поголем број луѓе што се приклучија на штрајкот во споредба со 19 јануари.

Штрајкови се одржуваат низ околу 200 француски градови, а 11.000 полицајци се распоредени низ целата земја. Резултатите од анкетите на јавното мислење покажуваат дека две-третини од граѓаните се противат на промените во пензискиот систем. Планот на Макрон за пензиски реформи се наоѓа на разгледување во францускиот парламент, кој треба да одлучува за него наредната недела.

Штрајкот предизвика само две линии од париското метро да сообраќаат според вообичаениот возен ред во текот на денешниот ден. Кај брзите возови на француската државна железница, денеска сообраќаше само еден од три брзи воза што се предвидени со возниот ред. На протест излегоа и вработените од рафинериите на Тотал Енерџис низ целата земја, додека енергетските капацитети на водечкиот снабдувач ЕДФ работат под редуциран режим на производство на струја.

Синдикатите информираа дека околу 55 отсто од професорите во средните училишта во Франција се вклучиле на протестот, иако владата тврди дека протестираат нешто над една четвртина од нив. Пред дел од школите и факултетите во Франција, учениците и студентите формираа барикади во знак на солидарност кон штрајкувачите.

Владата инсистира дека пензиските реформи се итно потребни за да се гарантира  иднината на пензиите на француските граѓани, изјави премиерката Елизабет Борн пред Сенатот во средината на јануари. За разлика од другите земји, како што е Германија, Франција има чист систем за плаќање придонеси, без никакви елементи на приватно осигурување.

Некои земји, како Италија и Германија веќе ја кренаа старосната граница за пензионирање на 67 години, во Шпанија прагот е поставен на 65 години, додека во Обединетото Кралство е на 66 години.