Македонија Столтенберг доаѓа во официјална посета на Скопје

Столтенберг доаѓа во официјална посета на Скопје

Генералниот секретар на НАТО ќе се сретне со шефот на државата Стево Пендаровски, со премиерот Димитар Ковачевски, собранискиот претседател Талат Џафери, а ќе се обрати и пред пратениците во Собранието

Извор на фотографија: nato.int

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во вторник ќе допатува во дводневна посета на Скопје. Тој ќе се сретне со шефот на државата Стево Пендаровски и со собранискиот претседател Талат Џафери, а ќе се обрати и пред пратениците во Собранието.

Македонија ќе биде домаќин на неформалниот состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот во Скопје, на 22 ноември 2023, в среда. Генералниот секретар на НАТО Столтенберг и премиерот Димитар Ковачевски ќе ги пречекаат поканетите лидери од Република Албанија – премиерот Еди Рама, Република Хрватска – претседателот Зоран Милановиќ, Република Црна Гора – премиерот Милојко Спајиќ и Република Словенија – премиерот Роберт Голоб.

Столтенберг пристигнува во Скопје во рамки на неговата неколкудневна турнеја низ земјите во Западниот Балкан.

Западнобалканската турнеја Столтенберг ќе ја започне в недела попладне со посета на Сараево, каде ќе има работна вечера со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина.