Економија Сто милиони евра поддршка од ЕУ за реформи во земјава

Сто милиони евра поддршка од ЕУ за реформи во земјава

Тоа се 100 милиони евра, со кои ЕУ го поддржува планот на земјата во справување со енергетската криза и реформите од евроинтегративниот процес, истакна министерот за финансии Бесими

Фото: Guillaume Perigois, Unsplash

Сто милиони евра макрофинансиска поддршка за РС Македонија денеска е одобрена од страна на ЕУ, која претставува поддршка на патот кон членство во блокот, поддршка за реформите и, најзначајно, поддршка на политиките во време на криза, соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими.

„Тоа се 100 милиони евра, со кои ЕУ го поддржува планот на земјата во справување со енергетската криза и реформите од евроинтегративниот процес“, истакна Бесими.

Предложената помош од ЕУ ќе се користи за покривање на финансиските потреби во текот на 2023 и 2024, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи насочени кон фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното окружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството, како и борбата против корупцијата.

Од Министерството за финансии појаснуваат дека станува збор за средства од пакетот што Европската комисија го воспостави во време на корона-кризата.

Македонија во 2020 и 2021 година користеше 160 милиони евра макрофинансиска поддршка од ЕУ за справување со економските последици од коронавирусот.