Подглавна секција Сто дена откако Хамас го нападна Израел, Нетанјаху: Никој нема да нè...

Сто дена откако Хамас го нападна Израел, Нетанјаху: Никој нема да нè сопре

Израелскиот премиер јасно стави до знаење дека неговата земја ќе ги игнорира наредбите за запирање на борбите, потенцијално продлабочувајќи ја својата изолација

Извор: Palestinian News & Information Agency (Wafa) in contract with APAimages, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=138775595

Израел ќе ја продолжи својата војна против Хамас сè до победа и нема да биде сопрен од никого, па ниту од светскиот суд, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вчерашниот говор додека борбите во Газа се наближија до својот стоти ден.

Нетанјаху говореше откако меѓународниот суд на правдата во Хаг одржа дводневни сослушувања за наводите на Јужна Африка дека Израел врши геноцид врз Палестинците, обвинение што Израел го отфрли како клевета и лицемерие, објави Асошиејтед Прес.

Јужна Африка побара од судот да му нареди на Израел привремено да ја запре својата жестока воздушна и копнена офанзива.

„Никој нема да нè сопре, ниту Хаг, ниту оската на злото, ниту кој било друг“, изјави Нетанјаху вчера, осврнувајќи се кон Иран и нејзините сојузнички милиции, пренесува Гардијан.

Случајот пред светскиот суд се очекува да трае со години, но пресудата за привремените чекори може да дојде за само неколку недели.

Судските пресуди се обврзувачки, но тешко се спроведуваат. Нетанјаху јасно стави до знаење дека Израел ќе ги игнорира наредбите за запирање на борбите, потенцијално продлабочувајќи ја својата изолација.

Земјата е под зголемен меѓународен притисок да стави крај на војната во која, според Министерството за здравство на Газа, загинаа повеќе од 23.000 Палестинци и која доведе до големо страдање во опколената енклава.

Вчеравечер во Тел Авив, случувањата од 7 октомври – кога Хамас го нападна Израел, беа одбележани од илјадници луѓе на комеморативен настан. Нивните мисли и апели беа насочени кон 130-те заложници киднапирани од Хамас и кои сè уште се држат во Газа, иако некои од нив можеби повеќе не се живи, пренесува Би-би-си.

Меѓу присутните на настанот во Тел Авив биле и семејствата на исчезнатите, кои носеле постери и маици со лицата на нивните најблиски.

Во меѓувреме, шефот на агенцијата на Обединетите нации (ОН) за палестински бегалци – УНРВА, Филип Лазарини, рече дека часовникот „брзо отчукува кон глад“, пренесува Гардијан.

Без директно да ги обвини Израел или Хамас за, како што рече, катастрофата предизвикана од човек, во изјава вчера кажа дека кризата била искомплицирана со нечовечки јазик и употреба на храна, вода и гориво како воени инструменти.

Израел го затвори снабдувањето со вода и го блокираше најголемиот дел од храната, горивото и медицинската помош на територијата на Газа по смртоносниот напад на Хамас во октомври.

„Масовна смрт, уништување, раселување, глад, загуба и тага во последните сто дена го валкаат нашето заедничко човештво. Луѓето сега живеат во нехумани услови, а болестите се шират додека населението во Газа го живее неиздржливото“, рече Лазарини, додавајќи дека најтешко им е на децата кои се истрауматизирани и на кои ќе им бидат потребни години за да се излечат.