Македонија Стејт департмент: Македонија успешно се бори со тероризмот

Стејт департмент: Македонија успешно се бори со тероризмот

Во 2014 година е регистриран пораст на терористичките напади во светот за 35 проценти, покажа редовниот годишен извештај на Стејт департментот. Бројот на убиени се зголемил за 81 процент, главно поради зголемениот број напади во Ирак, Авганистан и во Нигерија.

Во 2014 година, во светот се случиле вкупно 13.463 терористички напади, при што загинале повеќе од 32.700 лица, а 34.700 биле повредени.

Во документот стои и дека најмногу од инцидентите поврзани со тероризам се случиле во Ирак, што коинцидира со проширувањето на Исламска држава.

Според извештајот, Македонија вложила многу напор во антитерористичките дејствувања, со усвојувањето на законот против соучество, помагање или поддршка на странски терористички групи.

„Изминативе неколку години, десетина македонски државјани отпатувале во Сирија и во Ирак, како странски терористички борци, иако постојат индикации дека законот против нив, усвоен во септември 2014 година, можно е да има предупредувачки ефект“, стои во извештајот.

Македонското Министерство за надворешни работи потврдило дека резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, 2178, била доставена до сите релевантни министри за имплементација, се вели во извештајот, а меѓу комплетираните или активностите за исполнување на целите на резолуцијата, се наведува усвојувањето на промената во законот за странски терористички борци, како и организирањето меѓународна конференција за заканата од странските терористички борци. Извештајот вели дека Македонија креирала и акционен план за справување со тероризмот и назначила тело со надлежност за справување со странските терористички борци.