Економија ССНМ: Ќе се радикализира штрајкот на вработените во МПМ

ССНМ: Ќе се радикализира штрајкот на вработените во МПМ

Штрајкувачките одбори на редакциите „Вест“, „Утрински“ и „Дневник“ решија да го зголемат времетраењето на штрајкот од четири на шест часа поради игнорантскиот однос на менаџментот, кој иако уредно информиран, со недели не покажа интерес за средба со синдикалните претставници, соопшти ССНМ.

„Утре, 21 февруари 2017 година, ќе излезе 5.000. број на дневниот весник „Вест“. Жално е што редакцијата ќе го подготвува ова јубилејно издание од позиција на штрајк. Во претходните денови наместо разговор за решавање на проблемите, се засилија притисоците врз медиумските работници со телефонски јавувања и со закани со отпуштања и со казнувања“, стои во соопштението.

Од ССНМ наведуваат дека за притисоците врз новинарите што штрајкуваат ќе бидат информирани сите релевантни меѓународни институции, потсетувајќи дека правото на штрајк е уставно гарантирано право и е дел од цивилизациските придобивки на демократскиот свет.

„Решителноста на новинарите и на медиумските работници во изданијата на МПМ не се намалува. Преку одбрана на нивните колективни права, тие застануваат во одбрана и на демократскиот интегритет на професијата“, стои во соопштението.