Економија ССМ: Минималната синдикална кошница во мај достигна речиси 50.000 денари

ССМ: Минималната синдикална кошница во мај достигна речиси 50.000 денари

Колку за споредба, вредноста на Синдикалната минимална кошница за мај 2022 година изнесувала 38.791 денари, што е за над 10 илјади денари помалку од мај годинава

Фото: Image by Marco Pomella from Pixabay

За едно четиричлено семејство во земјава во мај годинава му биле неопходни 49.025 денари за да ја задоволи минималната синдикална кошница, објави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Од овие средства, 19.532 денари или 44,34 отсто биле потребни за исхрана и пијалаци; 13.392 односно 30,41 отсто за домување; 3.196 денари за хигиена; 3.720 за превоз; 2.315 за облека и обувки; 1.067 за култура и 821 денари за одржување на здравје, или вкупно 44.047,52 денари.

„Кога на нив ќе се додадат 4.977,37 денари или 11,3 отсто за трошоците на животот, односно инфлацијата, се доаѓа до 49.024,89 денари“, прецизираат од ССМ.

Колку за споредба, вредноста на синдикалната минимална кошница за мај 2022 година изнесувала 38.791 денари, што е за над 10 илјади денари помалку од мај годинава.