Македонија ССК: Половните возила се најголеми загадувачи на воздухот

ССК: Половните возила се најголеми загадувачи на воздухот

Најголеми загадувачи не се индустриските објекти и огревното дрво, туку проблемот со загадувањето на воздухот најдиректно го лоцираме во увозот на половни возила, вели Митко Алексовски, претседателот на Сојузот на стопански комори.

– Половните возила немаат заштитни филтри и катализатори и емитуваат огромно количество штетни честички во воздухот. Најголемите загадувачи, старите возила, не ги исполнуваат декларираните европски нормативи и ја зголемуваат емисијата на штетни ПМ10-честички во воздухот. Бројката на овие возила, според податоците од Царинска управа, во последните пет години изнесува 191.639, а пред 2010 година ваквиот проблем со прекумерната загаденост не беше регистрирана – изјави Алексовски.

Алексовски вели дека студијата „Зелен раст“ на Светска банка покажува дека во Македонија, во просек, 1.350 луѓе годишно умираат поради загадување на воздухот, а тоа ја чини Македонија 253 милиони евра.

Од ССК предлагаат да се преземат две мерки, односно итно воведување на стандардот ЕУРО4 за увоз на половни возила и воведување регулаторна политика за јаглероден диоксид при увоз и при регистрација.