Галерија Средношколците ги фрлија униформите пред МОН

Средношколците ги фрлија униформите пред МОН

Средношколците денеска организраа протест пред Министерството за образование и наука, каде свирејќи со труби и извикувајќи „Искочете кукавици“ ги повикаа надлежните да ги слушнат нивните барања. Тие, за да го искажат револтот, ги фрлија униформите пред зградата на МОН.

– Се собравме на мирен протест пред МОН за да покажеме дека сме тука, не се откажуваме од нашата борба и од нашите барања. Овде сме да го искажеме нашиот револт за да нè видат дека можеме и дека сме истрајни во нашите барања. На денешниот протест ги фрливме ученичките униформи пред МОН и со тоа покажуваме дека немаме страв и дека остануваме доследни и цврсти во намерата за подобрување на образованието во Македонија – вели средношколецот Александар Милески.

Средношколците вчера ги потпишале пријавите за државна матура, но велат дека тоа било само техничка формалност и дека остануваат со бојкотот на наставата. На денешниот протест добија поддршка од родителскиот и од наставничкиот пленум.

– Тука сме да им дадеме поддршка на учениците. Ги повикуваме уште еднаш господата од МОН да имаат слух и да видат што се случува бидејќи средношколците цел месец ја бојкотираат наставата. Децата ни се на улица, треба да ги ставиме во училиште, таму каде што им е местото. Нека се сретнат со нив, нека им излезат во пресрет, нека нè повикаат и нас наставниците. Меѓутоа од надлежните нема никаков одговор, не знам што ќе биде понатаму. Посакувам ова да има една разврска која ќе биде на задоволство на сите – рече наставничка од „Наставнички пленум“.