Македонија Средба на Заев со норвешкиот амбасадор Камсваг

Средба на Заев со норвешкиот амбасадор Камсваг

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретнал со амбасадорот на Кралството Норвешка задолжен за Република Македонија, Нилс Рагнар Камсваг, на која било разговарано за политичката криза во земјава и за преговорите за нејзино решавање, соопшти СДСМ.

„Преговорите би требало да резултираат со договарање влада која нема да ја предводи Никола Груевски и која ќе има цел да ги организира предвремените парламентарни избори, што треба да се одржат кон крајот на април следната година за да може договорот од 2 јуни да биде во целост имплементиран. Потребно е да се обезбеди одговорност за спроведување на договореното од сите четири преговарачки страни“, рекол Заев на средбата, се наведува во писменото соопштение на СДСМ.

Како што наведуваат од партијата, амбасадорот Камсваг ги поздравил напорите што СДСМ ги вложува за постигнување договор и посочил дека „земјата се наоѓа во исклучително тешка политичка криза, која е пожелно во најкус временски период да биде решена“.