Македонија Средба Иванов – Туск: Македонија ќе го продолжи реформскиот процес

Средба Иванов – Туск: Македонија ќе го продолжи реформскиот процес

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во Њујорк се сретна со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Иванов и Туск разговараа за состојбата со евроинтеграцијата на Република Македонија, како и за предизвиците што произлегуваат од мигрантската и бегалска криза, особено безбедносниот аспект.

„Македонскиот претседател нагласи дека Република Македонија ќе го продолжи реформскиот процес, за достигнување на европските стандарди и критериуми и ќе продолжи да придонесува за регионалната соработка, во одржувањето на стабилноста и просперитетот на регионот на Југоисточна Европа. Република Македонија, истакна претседателот Иванов, бара еднаков и правичен однос од европското лидерство и од сите земји-членки на Европската Унија и очекува да се примени позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на отворените билатерални прашања“, стои во соопштението од кабинетот на Иванов.

Иванов истакнал дека на Република Македонија, како и на целиот регион на Југоисточна Европа, ѝ е потребна забрзана интеграција во Европската Унија, затоа што тоа е најдобриот начин за целосно консолидирање на регионот, со што, пак, ќе се консолидира и Европската Унија.

„Во контекст на предизвиците поврзани со мигрантската и бегалска криза, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија се залага за сеопшто европско решение, што ќе опфаќа заеднички критериуми за справување со мигрантската криза. Во таа насока, соговорниците констатираа дека е потребна итна координирана и синхронизирана акција на сите засегнати држави. Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија ги презема сите мерки и активности за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедност, притоа имајќи ја предвид обврската за хуман третман на бегалците“, стои во соопштението.