Uncategorized Србија го рехабилитираше четникот Дража Михајловиќ

Србија го рехабилитираше четникот Дража Михајловиќ

Вишиот суд во Белград денеска го рехабилитираше Драгољуб Дража Михајловиќ, лидер на четничкото движење, и му ги врати граѓанските права кои му биле одземени во 1946 година кога му било судено за соработка со нацистите и со окупаторите.

Судијата Александар Трешњев рече дека судот го усвоил барањето за рехабилитација и ја поништи пресудата со која Михајловиќ на 15 јули 1946 година беше осуден на смрт, а стрелан е два дена подоцна.

Одлуката, според Законот за рехабилитација, е конечна затоа што не постои право на жалба.

Поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ ја оцени одлуката за рехабилитација на Михајловиќ како политички скандал.

– Рехабилитацијата на Дража Михајловиќ и говорењето дека неговите убиства и за него како за жртва на комунизмот претставува грубо исмејување на фактите. Секое рехабилитирање на четниците, исто како и секое релативизирање и рехабилитирање на усташите, може да заврши само со катастрофа – предупреди Месиќ, додавајќи дека очекува Европската унија да се изјасни за овој случај, бидејќи земјите кои рехабилитираат ноторни воени злосторници од Втората светска војна, веројатно не се подготвени за членство во ЕУ, која се темели на антифашизмот.