Економија Според „Дуинг бизнис“, македонските фирми плаќаат најниски даноци

Според „Дуинг бизнис“, македонските фирми плаќаат најниски даноци

Македонија е рангирана на прво место во светот со најниска даночна стапка, со вкупен износ од 7,4 проценти, и на трето место според времето потребно за почнување бизнис, се вели во најновиот извештај на „Дуинг бизнис“.
Министерот за финансии Зоран Ставрески, кој го презентираше извештајот од Светска банка, истакна дека овие бројки покажуваат дека домашните фирми, исто како и странките, се најмалку оптоварени во Македонија со даноци во однос на која било друга земја во светот.

За споредба, во регионот, Хрватска има ефективна даночна стапка од 18,8 проценти, Црна Гора е 22,3, Србија 38 проценти, Словенија 32, Бугарија 27, Турција 40, Грција има 49 проценти. Според Ставрески, ако се направи пресек, во Европа просечната даночна стапка изнесува околу 45 отсто споредено со 7,4 проценти во Македонија. Во Германија 48,8 проценти, во Австрија 52 , Холандија 39, а во Франција повеќе од 60 проценти.

– Поволната даночна политика и реформите што се направија за зголемување на ефикасноста на даночната администрација, придонесоа Македонија да биде рангирана на високо седмо место во светот и второ место во Европа. Само Ирска е подобро рангирана од Македонија во однос на индикаторот на плаќање даноци – рече Ставрески.

Според извештајот на „Диунг бизнис“, Македонија има најдобар напредок во однос на индикаторот за даноци и годинава бележи скок од 31 место, односно од 38. сега е на седмото место.