Македонија Спикерот Џафери со честитка по повод католички Божиќ

Спикерот Џафери со честитка по повод католички Божиќ

Извор на фотографија: Фејсбук страница на Собрание на РСМ

Претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери од име на пратениците и од негово лично име денеска упати честитки по повод големиот христијански празник – Божиќ до сите граѓани католички верници кои го прославуваат празникот по грегоријанскиот календар, информираат од Собранието на РСМ.

„Радоста што ја носи Божиќниот празник, неговата моќ на сплотување на семејствата, на соседите, пријателите и соработниците во животот е уште една прилика за сите нас да дозволиме да излезе од нас најдоброто, хуманото и благородното. Да подадеме рака, да го отвориме умот и срцето, затоа што само тогаш можеме да ги допреме срцата и душите на другите, да продреме во нивните умови и да спознаеме дека во суштина, сите ние сме едно исто, човечки суштества, немоќни кога сме сами но, незапирливи кога сме сплотени заедно. Само тогаш нема да ги гледаме вештачките разлики кои не разединуваат, нема да бидеме полни предрасуди и полни со себе и ќе сфатиме дека сите сме луѓе“, пишува во честитката на спикерот Џафери до католичките верници.

„Нека празникот всади мир и спокој во душата, убави и благородни мисли и нека го стивне гласот на непочитувањето и недовербата помеѓу нас и околу нас, во соседството и во светот. Дијалогот, договорот и разумот нека имаат секогаш предност пред гласот на насилството. Почитувани граѓани, дозволете уште еднаш да Ви го честитам празникот и да Ви посакам празничните денови да ги поминете опкружени со вашите најблиски, во топлината на вашите домови во добро здравје и семејна благосостојба, исполнети со духот на празникот“, се наведува во честитката од спикерот Џафери по повод католички Божиќ.