Македонија Специјалното обвинителство се пофали со новата фејсбук-страница

Специјалното обвинителство се пофали со новата фејсбук-страница

Тимот на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, од 9 до 20 ноември годинава поминало низ повеќе обуки, информираат оттаму.

„Воедно, во сорабока со Министерството за правда, подготвивме предлог-закон за јавно-обвинителска служба, кој е неопходен за екипирање на обвинителството со стручен, истражен и со административен кадар. Предлог-законот е подготвен врз основа на Законот за јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и што произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со целосно искористување на компаративните искуства за организираност на вакво обвинителство. Предлог-законот е доставен до Владата на Република Македонија, а како предлагач се јавува Министерството за правда. Очекуваме предлог-законот да биде ставен на дневен ред на првата седница на Владата на Република Македонија, по што во итна постапка ќе биде ставен на дневен ред и во Собранието на Република Македонија и ќе се пристапи кон негова целосна имплементација“, стои во соопштениети од Специјалното обвинителство.

Од ова обвинителство објаснуваат дека додека траел процесот на обуки, бил донесен оперативен план за дејствување.

„Организиравме и активности поврзани со средување на просторот каде обвинителството ќе биде сместено. Со оглед дека активностите околу средување на просторот бараат одреден временски период, а имајќи ја предвид итноста од наше предметно постапување, закупивме простор во кој привремено ќе бидеме сместени. Сепак, официјалните постории на ова јавно обвинителство остануваат во Министерството за правда и во оваа насока Ве известуваме дека седиштето на Министерството за правда (ул.Димитрие Чуповски бр.9, Скопје) е адреса за кореспонденција со ова јавно обвинителство, додека електронска пошта на обвинителството е: onsk.info@gmail.com. Во овој контекст, за доследното почитување на начелото на транспарентност и покажувајќи почит кон интересот на јавноста, оформена е и фејсбук-страница, каде редовно ќе бидат објавувани нашите соопштенија и ставови околу одредени актуелни прашања“, велат оттаму.