Главна секција Спасовски: Нема да има големи кадровски промени во МВР

Спасовски: Нема да има големи кадровски промени во МВР

„Вработените во Министерството за внатрешни работи да бидат релаксирани, затоа што во полицијата нема да вршам големи кадровски промени“, вети денеска кандидатот за прв човек на полицијата од редовите на СДСМ, Оливер Спасовски, при посетата на Општина Гостивар, каде оствари средба со граѓани во неколку населби.

– Мојата и целта на СДСМ не ни е да владеме заедно со Груевски и со ДУИ, туку целта е да бидеме контролен механизам на системот и во тој дел сакам сите во МВР да бидат релаксирани. Нема да влезам во МВР да разрешувам и да креирам политики, туку да создадам минимум тим, кој ќе може да работи – рече Спасовски.

Генералниот секретар на СДСМ вели дека со нивните надлежности, министрите предложени од опозицијата ќе почнат да ја враќаат слободата на граѓаните.

– Мој приоритет ќе биде да ја релаксирам состојбата во државата, да не бидат исплашени граѓаните, да не бидат под притисок, да се доближиме до нив. Само со релаксација на состојбата, можеме да имаме слободни граѓани и слободна држава, која ќе носи сериозни одлуки за оваа земја – изјави Спасовски.

Вечерва СДСМ ќе одржи трибина во Гостивар, каде ќе презентира дел од својата платформа „Визијата за Македонија“.