Македонија Спасовски: МВР истражува кој е виновен во сообраќајката во која учествуваше Зоран...

Спасовски: МВР истражува кој е виновен во сообраќајката во која учествуваше Зоран Милески-Кичеец

Фото: Влада на РСМ

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека ќе се утврди  кој е виновен и кој ќе сноси одговорност во сообраќајната несреќа во која учествуваше Зоран Милески-Кичеец, кој е осуден на затворска казна, а викендов беше еден од учесниците во сообраќајката кај Стража.

„Јас искрено жалам што се случи сообраќајна незгода и што има починато лице, тоа е најголемата загуба, за сите други аспекти ќе се произнесат сите други експерти во МВР. Ги имаме ние идентитетите, се работи на тоа и ако има каква било поврзаност, со нешто сомнително за тоа ќе се преземат мерки,“ изјави Спасовски.

Милевски бил пуштен надвор со медицинска документација, а според премиерот Зоран Заев „со здравствена документација може да се оди до болница, може се оди во главниот град со какви било причини, но дефинитивно тоа е согласно закон, тоа е право кое што му следува на секој издржувач на казна.“

Министерот за правда Бојан Маричиќ исто така изјави дека врз база на медицинска документација затвореникот добил 30-дневен прекин на издржување на казната со цел да ги заврши тие медицински работи и потоа да се врати на издржување.

„Ова не е ниту прв ниту последен затвореник кој ги користи овие погодности врз база на оправдана медицинска документација согласно законот,“ изјави Маричиќ.

Инаку, во сообраќајката кај Стража, Милевски управувал со автомобил „мерцедес“, а со него биле уште двајца српски државјани кои се тешко повредени.

„Со тешки телесни повреди се здобиле двајца сопатници од возилото „мерцедес“ и двајцата од Република Србија, сопатникот од товарното моторно возило од Гостивар и возачот, а со телесни повреди се здобиле возачите З.М. и Е.Н. како и сопатникот од возилото ‘БМВ’. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од полициската станица Гостивар во присуство на Јавен обвинител,“ информираа од МВР.

Кичеец е осуден на три години казна затвор за случајот „Рекет“, а казната ја извршува во затворот во Струга.