Македонија Спасовски и Ременски дадоа свечена изјава за министри

Спасовски и Ременски дадоа свечена изјава за министри

Министрите за труд и социјална политика и за внатрешни работи, Фросина Ременски и Оливер Спасовски, денеска во Собранието дадоа свечена изјава како министри во преодната влада предводена од Емил Димитриев.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, го поздрави, како што рече, враќањето на министрите.

– Го поздравувам враќањето на опозицијата во Собранието и давањето свечена изјава на министрите. Мислам дека е добар гест да се вратат во институциите и да се исполнат обврските од Договорот од јуни, односно јули. Мислам дека има и други проблеми што треба да се надминат, но добро е што СДСМ се врати во Собранието и покажа констуктивност – рече Димовски.

Kоординаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугарески, реплицираше дека однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ е лицемерно.

– СДСМ не учествуваше во работата по едностраниот чин со неуставна одлука да го распуштите Собранието, со одложено дејство. Јас ниту во Уставот негде најдов, ниту во светот има практика некаде парламентот да се распушти, а потоа повторно да работи. Ве повикувам еден пример во светот да ми кажете, со одлука за самораспуштање на парламентот, тоа потоа повторно да работи. СДСМ е тука за целосно спроведување на Договорот од Пржино – рече Сугарески.