Македонија Спасовски и камперите од пред Влада на еднодевна дружба во Маврово

Спасовски и камперите од пред Влада на еднодевна дружба во Маврово

Општинската организација на СДСМ Маврово и Ростуше, заедно со генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, реализира еднодневна средба и дружење со граѓаните што 60 дена кампуваа пред Владата на Македонија, соопштија од СДСМ.

Како што велат од партијата, целта на оваа средба е дружење и продолжување на стекнатите пријателства, како и симболична благодарност за луѓето што со свoето неуморно присуство пред Владата под секакви временски и други околности, помогнаа да се сврти вниманието на домашната и на меѓународната јавност со каков режим има проблем Република Македонија.

Генералниот секретар Спасовски, во име на претседателот Заев и во свое име, изрази почит на камперите за нивната истрајност што резултираше со договор за оставка на Никола Груевски и за формирање преодна влада.

„Вашата упорност и истрајност да се постигне решение за кризата и за оставка од Груевски помогна при преговорите. Бевте ветар во грбот и досега и за понатаму, за партијата, но најважно за државата, затоа што се покажа дека кога сме единствени и одлучни, целта е достижна. Но, битката не е завршена, ова е само дел од неа. Најголемата битка е нормализација на Македонија и враќање на демократските процеси во државата. Со посветена реализација на зацртаните политики и вклучување на секој од нас, успехот е достижен“, рече Спасовски.