Македонија Спасовски ги промовираше позорникарите во Куманово, а ги најави и во Битола...

Спасовски ги промовираше позорникарите во Куманово, а ги најави и во Битола и во Штип

За да имаме безбедни градови, безбедни населени места, безбедни улици мора да имаме полицајци кои ќе бидат во постојан контакт со граѓаните и на кои граѓаните ќе им се обраќаат за сите нивни потреби, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за време на денешната промоција на позорната служба или т.н. маалски полицаец во Куманово.

Спасовски истакна дека позорната служба има исклучително значење во делот на превентивното работење на полицијата и градење на врската полицаец – граѓанин.

– Граѓаните ќе има на кого да му се обраќаат за сите негативни појави кои се случуваат во нивното опкружување. Денеска ја промовираме позорната служба во Куманово, а почнуваме и на подрачјето на СВР Штип и СВР Битола, за понатаму да продолжиме во сите градови – рече Спасовски.

Тој соопшти дека на подрачјето на Куманово има 17 позорни региони кои ќе ги покриваат 70 маалски полицајци.

Денеска во Куманово беше промовирана и новата зграда, односо новите простории, во кои ќе работата неколку единици на СВР Куманово – секторот за управни служби, секторот за странци, секторот за оружје и секторот за прекршоци.

– Овие сектори работеа во многу лоши услови. Сега во поранешниот Дом на АРМ, кој што беше реконструиран и со средства на МВР за овие шест месеци целосно опремен, ќе има нормални услови за работа. На површина од 800 метри квадратни граѓаните ќе можат да ги завршуваат своите обврски, меѓутоа и да се зголеми мотивираноста кај вработените во овие сектори – рече Спасовски.