Uncategorized Спасовски: Добар полицаец е не само обучен професионалец, туку и одговорен граѓанин

Спасовски: Добар полицаец е не само обучен професионалец, туку и одговорен граѓанин

„Денеска, како никогаш досега, вие сте под огромен притисок. Секој ден од почеток да избирате помеѓу одговорноста и прагматичноста, помеѓу достоинството и егзистенцијата, помеѓу храброста и исплатливоста. Секојдневно повторно, од почеток, да докажувате дека полицаецот е човек кој зад униформата не ја крие својата човечност, зад штитот не ја крие својата правичност, а зад шлемот не го крие разумот“, рече, меѓу другото, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во своето обраќање на свеченоста по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција и одбележувањето на 35-годишниот јубилеј на Единицата за специјални задачи „Тигар“.

Спасовски посочи дека за него лично е голема чест да биде на чело на Министерството за внатрешни работи, кое, како што рече, е не само стожер на безбедноста на едно општество, туку и дом на храбри, чесни и на искрени професионалци.

– Целосно сум свесен колку ви се тешки овие времиња и колку болат праведните одлуки. Сите знаеме дека без праведни одлуки, нема добар полицаец. Добар полицаец не значи само физички јак, одлично обучен и совршено опремен професионалец. Тоа не е доволно. Добар полицаец значи и совесен човек, добар сопруг, грижлив татко, почитуван сосед и, пред сè, општествено одговорен граѓанин. Нашиот народ сака да го гледа полицаецот како херој, како миротворец и спасител. Тоа може да ви создава притисок, да бидете што поблиску до тој стереотип, ама вие и навистина многу често ги исполнувате нивните очекувања. Затоа сум многу горд што најголем дел од вас ја оправдаа довербата што ја имав во вас кога влегов во министерскиот кабинет – рече Спасовски.

Тој додаде дека денеска македонската полиција, како никогаш порано, се наоѓа пред историски предизвик чија единствена цел е изградба на институција која во секој поглед ќе биде гарант за безбедноста и сервис на сите граѓани на државата.

– Јас знам дека сте исправени пред многу предизвици, непријатни ситуации, дилеми и конфузии, што ги создаваат тие што најмалку треба да го прават тоа. Исто така, знам дека има и многу отворени и нерешени парашања во врска со условите во кои работите, во врска со наградувањето и во напредувањето кое вас ве исцрпува и ви одзема дел од енергијата. Длабоко сум уверен дека ние заедно ќе можеме да најдеме одговори за многу досега нерешени прашања – изјави Спасовски.

Министерот за внатрешни работи на крајот посочи дека во името на нивните поранешни колеги кои своите професионални кариери и личен интегритет ги вградиле во МВР, парипадниците на Министерството имаат обврска да го чуваат мирот и спокојот на своите, но и на сите деца и да продолжат да ја градат безбедноста и иднината на сите граѓани во оваа држава.

– Така ќе му покажеме на светот, на нашите пријатели, Европската Унија и САД, дека сме веродостоен пријател и партнер во иднината што заедно ќе ја споделуваме – рече Спасовски.