Македонија Спасов: Законот за хонорарци нема да се одложи, придонеси ќе плаќаат и...

Спасов: Законот за хонорарци нема да се одложи, придонеси ќе плаќаат и функцинерите

Законот за договорите за дело и за авторските договори нема да се одложува и ќе почне да се применува како што беше предвидено, на 1 јануари 2015 година, истакна денеска министерот за труд и социјална политика, Диме Сапсов, според кој, оваа мерка има цел да ја зголеми социјалната сигурност на граѓаните.

– Како Влада, не смееме да дозволиме на одреден работник кој извршува одредени работни задачи да му се дава плата, а да не му се плаќаат придонеси. Не смееме да дозволиме социјална несигурност кај тие работници, какви има во Македонија. Во голем број европски држави е воведено задолжително социјално осигурување за „фриленс работниците“ и за оние што работат врз основа на различен вид договори. На ваков начин нивната социјална сигурност ќе биде поголема, ќе имаат можност во иднина да остварат старосна пензија – рече Спасов.

Според него, не е вистина оти функционерот кој, на пример, ќе има авторски договор или договор за дело нема да плаќа социјални придонеси.

– Напротив, сите што имаат такви договори ќе плаќаат и социјални придонеси. Исклучокот од оваа мерка е наведен точно и изрично во Законот. За сите останати граѓани по основа на извршување именувана функција, работен однос или друг исклучок е наведен во Законот за социјално осигурување – истакна Спасов.