Македонија Спасов: Од наредната година почнува проектот „Бесплатен туристички викенд за корисниците на...

Спасов: Од наредната година почнува проектот „Бесплатен туристички викенд за корисниците на пензија“

Освен зголемување на пензиите, спроведување проекти како бесплатната бањско-климатска рекреација, реконструкција на пензионерските домови, бесплатен јавен превоз во Скопје, од наредната година пензионерите ќе добијат бесплатен туристички викенд, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, во обраќањето на 8. седница на Собранието на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија.

Според Спасов, проектот „Бесплатен туристички викенд за корисниците на пензија“, ќе се овозможи дополнителна рекреација на пензионерите преку користење бесплатен викенд, односно петок, сабота и недела, со обезбеден превоз и со полн пансион во туристичките капацитети во Република Македонија: Охрид, Струга, Дојран, Крушево, Преспа, Берово. Проектот ќе се реализира во пролетниот и во есенскиот период. Оваа услуга, како што најави Спасов, ќе може да ја користат до 3.000 корисници на пензија.