Македонија Спасов: Ако Ременски не се извини за 48 часа, ќе добие тужба...

Спасов: Ако Ременски не се извини за 48 часа, ќе добие тужба за навреда и за клевета

Заменик-министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денеска преку соопштение реагираше на прес-конференцијата на министерката Фросина Ременски во врска со разрешувањата на директори на центрите за социјални работи.

– На граѓаните на нашата земја им е јасно дека техничката министерка денеска направи безуспешен обид да ги прикрие незаконското работење и незаконското разрешување на директори на центрите за социјални работи и на јавни установи поради апсурдни причини. Ременски се обиде да ја манипулира јавноста со неоснована кривична пријава, при што секој може да напише или потпише лист хартија со неосновани обвинувања, да го наслови како пријава и да го достави до Јавното обвинителство, но доколку пријавувањето е лажно, како што е во овој случај, ќе одговара за кривично дело лажно пријавување – се наведува во реакцијата од кабинетот на дополнителниот заменик-министер.

Според Спасов, Ременски треба во рок од 48 часа да се извини за изречените клевети, а доколку не го стори тоа, тогаш ќе бидат искористени сите правни механизми за надоместување на штета за навреда и за клевета на дополнителниот заменик-министер.