Свет Европа Спасени 300 мигранти кај Сицилија

Спасени 300 мигранти кај Сицилија

Повеќе од 300 мигранти, помеѓу кои и 14 деца и пет трудници, се спасени покрај брегот на Сицилија. Сите 318 мигранти биле спасени од екипажот на исландски воен брод, кој учествува во патрола на ЕУ во Средоземно Море.

Мигрантите биле од 13 земји – Судан, Гана, Мароко, Мали, Мавританија, Сенегал, Пакистан, Нигерија, Сирија, Палестина, Индија, Тунис и Еритреја.

Италијанската полиција открила осум осумничени трговци кои се државјани на Тунис.

Бројот на мигранти кои илегално влегуваат на територијата на ЕУ речиси двојно се зголемил во 2014 година, во однос на една година порано. Во прашање се 276.000 луѓе, од кои речиси 220.000 доаѓаат преку Средоземно Море.

Според податоците на Обединетите нации, најмалку 3.500 луѓе минатата година починале, обидувајќи се преку морски пат да стигнат до земјите на унијата.