Македонија Советот на честа на ЗНМ ја осуди реакцијата од кабинетот на претседателот...

Советот на честа на ЗНМ ја осуди реакцијата од кабинетот на претседателот Иванов

Советот на честа при Здружението на новинари изразува загриженост и го осудува непримерниот речник  во реакцијата на Кабинетот на Претседателот на РМ, по повод текстот „Иванов во изолација на Водно“.

„Советот смета дека е неприфатливо оваа државна институција во реакцијата потпишана од генералниот секретар, Борис Јосифовски, да користи вокабулар од типот ’Вашите лични фрустрации, комплекси и недостаток на домашно воспитување остануваат само лично ваши’. На овој начин се врши недозволива лична квалификација на претставник на новинарската професија, во случајот на главниот и одговорниот уредник Горан Михајловски, кој, од друга страна, преку својата долгогодишна кариера е докажан професионалец“, пишува во соопштението на ЗНМ.

Од ЗНМ сметаат дека реакцијата е обид за мешање во уредувачката политика, што може да се сфати и како притисок и удар врз загарантираната слобода на информирање.

„Советот на честа го осудува и обидот за потценување на весникот од генералниот секретар на Кабинетот на Претседателот со ’најљубезната препорака’ која ја упатува до весникот – сериозните теми да ги оставите на сериозни медиуми, а вие да продолжите да се  занимавате со вашите теми, својствени на вашиот медиум“, пишува во соопштението на здружението.