Македонија Соработката меѓу полициите на Македонија и на Албанија е на високо ниво

Соработката меѓу полициите на Македонија и на Албанија е на високо ниво

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска го прими албанскиот амбасадор Фатос Река.

На средбата, како што соопштија од МВР, меѓу другото, било констатирано дека соработката меѓу македонската и албанската полиција е евидентна на повеќе нивоа, но оти секогаш има простор за нејзино понатамошно продлабочување и унапредување.

Спасовски се осврнал на генералните релации помеѓу двете земји, оценувајќи дека тие се постојано во духот на добрососедството и на евроатлантските интеграции. Тој изразил задоволство од ефикасноста на низата билатерални договори потпишани меѓу македонското и албанското МВР.

Министерот, исто така, истакнал дека МВР е подготвено и отворено за соработка кон сите соседни држави, меѓу кои и Република Албанија, и во областа на внатрешната безбедност, односно борбата против сите видови криминал, особено организираниот криминал со наркотици, трговија со луѓе, оружје и тероризмот кои претставуваат голема закана како за земјите од регионот така и во глобални рамки.

Амбасадорот заблагодарил за гостопримството, истакнувајќи дека соработката што ја имаат двете министерства е на високо ниво, и дека МВР на Албанија е отворена за продлабочување и за понатамошно зајакнување на истата, особено во изработка на заеднички проекти за која постои и политичка и оперативна волја од двете страни. Покрај ова, тој високо го оценил и справувањето на Република Македонија со бегалската криза, укажувајќи дека се свесни за опасноста од поголеми импликации што истата во иднина може да ја има врз неговата земја и во тој правец истакнал дека е добредојдена секаква помош базирана на искуствата на Република Македонија.