Свет Сомнителни активности на швајцарските сметки на ФИФА

Сомнителни активности на швајцарските сметки на ФИФА

Швајцарските банки пријавиле сомнителни активности поврзани со сметките што ѝ припаѓаат на Светската фудбалска федерација (ФИФА), соопшти денеска швајцарското обвинителство.

Државниот обвинител Мајкл Лаубер рече дека неговата канцеларија го анализира „големото количество“ запленети податоци поврзани со истрагата за корупција во ФИФА, како и корупцијата поврзана со домаќинствата на светските првенства во Русија и во Катар.

Лаубер изјави дека не може да ја отфрли можноста за обновување на разговорите со Сеп Блатер во рамки на истрагата.
Швајцарија и САД водат одвоени истраги за корупцијата во ФИФА. Досега се уапсени неколку актуелни и поранешни функционери на ФИФА, а Интерпол распиша потерници за двајца од нив.