Македонија Собранието пресече – рокот на важење на старите пасоши нема да се...

Собранието пресече – рокот на важење на старите пасоши нема да се продолжи

Законските измени беа предложени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Против измените на законот гласаа 54 пратеници, додека 46 беа „за“

Фото: Мета.мк

Собранието на денешната седница не ги изгласа предложените измени на Законот за патни исправи, со кои се бараше старите пасоши на граѓаните со „Република Македонија“ да важат до крајот на годинава, како што беше направено со возачките дозволи.

Законските измени беа предложени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Против измените на законот гласаа 54 пратеници, додека 46 беа „за“.

Како што објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, против законските измени гласале пратениците од владејачкото мнозинство.

„Со ова, за жал, СДСМ, ДУИ и НСДП оставија на цедило 600.000 македонски државјани на кои им е нарушено правото на слободно движење, а на голем дел со ова им се загрозени нивните работни дозволи во странство, документите за постојан престој, како и лекувањето или образованието надвор од Македонија“, напиша пратеникот Милошоски на Фејсбук.

Делегацијата на Европската Унија во земјава денеска се произнесе во однос на патните документи на граѓаните. Оттаму велат дека е „важно Северна Македонија да продолжи да ги почитува меѓународните договори, вклучувајќи ги и заложбите за замена на патните исправи, содржани во Преспанскиот договор“.

„Потсетуваме дека признавањето на патните исправи издадени од трети земји е во надлежност на секоја земја-членка одделно“, се вели во објавата.