Македонија Собранието немаше кворум за да ги избере новите уставни судии

Собранието немаше кворум за да ги избере новите уставни судии

Проф. д-р Осман Кадриу и д-р Дарко Костадиновски денеска не беа избрани за нови судии во Уставниот суд на Република Македонија, бидејќи во салата на Собранието на Република Македонија немаше доволно пратеници за да биде изгласано нивното назначување.

Денешното продолжение на 27-та седница, на која една од главните теми беше предлогот на претседателот на Република Македонија за нови уставни судии, како и другите точки, беа одложени за в четврток, бидејќи во салата денеска имаше само 52 пратеници. Отсуствуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои рекоа дека продолжуваат со бојкот на Собранието, а од нивните колеги кои беа присутни на седницата, никој не се пријави да зборува.

Немаше расправа ниту за законот за јазиците во второ читање, ниту за законот за изменување на законот за работните односи.

По неполни 10 минути работа, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина седницата и ја презакажа за в четврток во 12 часот, а потоа се продолжи со 26-та седница, на која како единствена точка од денешното продолжение требаше да се расправа за Предлог  на  закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка. Но, поради немање кворум, Џафери набргу ја прекина и прогласи пауза.