Главна секција Собранието, без кворум, не му ги оздеде мандатите на СДСМ

Собранието, без кворум, не му ги оздеде мандатите на СДСМ

Собранието немаше двотретинско мнозинство за да почне со гласањето за одземање на 31 мандат на пратениците од опозицијата.

Во салата беа присутни само 65 пратеници, а за одземање на мандатите е потребно двотретинско мнозинство или 82 пратеника.

На седницата не присуствуваа сите пратеници на коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ниту, пак, независните пратенички Солза Грчева и Љубица Буралиева.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, секој пратеник го читаше посебно. Седницата за одземање на пратеничките мандати е одложена до средината на идниот месец. Првата седница по паузата на пратениците ќе се одржи на 20 јануари.

Со реакција на денешната седница на Собранието излегоа од СДСМ. Оттаму соопштија дека сè што се случува во Собранието изминатите осум  месеци, во врска со пратеничките мандати на опозицијата, не е во согласност со Уставот ниту со законите на Македонија.

– Пратениците од СДСМ и коалициските партнери поднесоа изјави за неприфаќање на мандатите, но мнозинството одлучи насилно да ги верификува. Потоа, пратениците од опозицијата доставија и оставки до Собранието на Македонија, коишто власта не ги констатира со месеци. Опозицијата останува доследна на своите ставови: нема да се вратиме во Собранието сè додека власта не прифати преговори за суштинските теми што ќе ги вратат демократијата и правото на слободен избор на граѓаните – пишува во соопштението на опозицискиот СДСМ.