Македонија Собранието на 28 март ќе расправа за извештајот на Јанева

Собранието на 28 март ќе расправа за извештајот на Јанева

Извештајот за работењето на Специјалното јавно обвинителство, кој специјалната обвинителка Катица Јанева го достави до Собранието, на пленарна седница ќе се разгледува на 28 март, потврдија од Собранието.

Оттаму велат дека за извештајот најпрво ќе се расправа на седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, која ќе се одржи на 21 март.

Според ставот 1 од членот 7 на Законот со кој е основано Специјалното јавно обвинителство на 15 септември минатата година, Јанева за својата работа е одговорна единствено пред Собранието и пред Советот на јавни обвинители.

„Јавниот обвинител ќе поднесува извештај секои шест месеци за неговите, односно нејзините активности, вклучувајќи и опис за напредок во која било истрага или гонење преземено од јавниот обвинител. Во таквиот извештај може да бидат изоставени материјали кои според јавниот обвинител треба да се чуваат како доверливи, но ќе обезбеди соодветни информации за да ги оправда трошоците“, стои во ставот 2 од истиот член на Законот.