Македонија Собранието ќе расправа за буџетот на Јанева

Собранието ќе расправа за буџетот на Јанева

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 90. седница на која на дневен ред е предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, со која се обезбедуваат финансиски средства за реализација на финансискиот план на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за 2016 година.

Со одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници се предлага реалокација на средствата во рамки на планираните средства со буџетот на Република Македонија за 2016 година, во износ од 253.682.112 денари кои се наменети за непречено работење и автономно функционирање на Специјалното јавно обвинителство.

Финансиските средства за Специјалното јавно обвинителство ќе бидат наменети за исплата на средства за плати и за надоместоци на јавните обвинители, плати и надоместоци на вработените во јавно-обвинителската стручна служба, средства за набавка на стоки и на услуги, како и капитални инвестиции на јавното обвинителство.