Македонија Собранието ќе одлучува за одземање на имунитетот на Груевски

Собранието ќе одлучува за одземање на имунитетот на Груевски

Кривичниот суд бара од Собранието да му биде одземен пратеничкиот имунитет на пратеникот Никола Груевски кој избега од Македонија и доби азил во Унгарија. Во официјалното соопштение на Судот, пишува дека до Собранието доставиле пет судски предмети, во кои е обвинет екс-премиерот Никола Груевски.

Судот бара притвор за Груевски за изборни измами во случај „Титаник“, за нерегуларности при изградба на автопати – случај „Траекторија“, за уривање на „Космос“ – „ТНТ“, за незаконско финансирање на партијата – случај „Талир“, како и за случајот „Шамари во Општина Центар“.

Барањата денеска ќе бидат разгледани на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, со која претседава Павле Богоевски.

За да му биде одземен пратеничкиот имунитет на Груевски, потребни се најмалку 61 глас.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ваквите одлуки ги нарече смешни. Од таму велат дека пред да се зборува за одземање на имунитетот, некој треба да понесе одговорност за сѐ што се случува во земјата.