Македонија Собранието ја избра Елизабета Дуковска за уставна судијка

Собранието ја избра Елизабета Дуковска за уставна судијка

Уставниот суд досега функционираше со шест од вкупно девет судии

Салата за седници на Уставен суд. Фото: Веб-страница на Уставниот суд

Собранието на РСМ со 64 гласа „Зa“ денеска ја избра Елизабета Дуковска за судија во Уставниот суд. Дуковска ќе ја замени Валентина Маркудова, чиј мандат истече во декември 2022 година. Таа за нов судија во Уставниот суд беше предложена од Судскиот совет.

Инаку, Уставниот суд досега функционираше со шест од вкупно девет судии. Во Собранието од страна на опозицијата е блокирана расправата за предлогот републичкиот обвинител Љубомир Јовески да стане уставен судија. Уште едно испразнето место треба да се пополни на предлог на пратениците, но Собранието уште не распишало оглас за пријавување на испразнетото место во Уставниот суд.

Елизабета Дуковска е судијка од 2004 година и работела во двата основни суда во Скопје како стечаен судија. Во скопскиот Апелациски суд досега работеше како граѓански судија во трговски оддел од 2009 година.