Македонија Собранието ја бира новата влада

Собранието ја бира новата влада

Мицкоски го поднесе предлогот за состав на владата и програмата на 18 јуни. Собраниската расправа за избор на новата влада треба да заврши до недела на полноќ

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Денес е историски ден! Започнува собраниската дебата која ќе стави крај на периодот на неработење, криминал, лоши вредности и разочарувања. Со изборот на новата реформска влада, конечно започнува ново поглавје за нашата земја. Македонија е нашиот дом“, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред почнувањето на седницата за избор на новата влада.

Мицкоски го поднесе предлогот за состав на владата и програмата на 18 јуни. Собраниската расправа за избор на новата влада треба да заврши до недела на полноќ, со оглед на тоа дека Деловникот на законодавниот дом предвидува седницата да трае најмногу два дена.

Мандаторот Мицкоски денеска ќе ја образложи програмата и предлогот за состав на Владата, по што во Собранието се води единствен претрес.

„Време е да ги засукаме ракавите и да ги решиме проблемите. Повикувам на единство и заедничка работа. За нова Македонија, за иднината на нашите деца, за подобар живот за сите нас“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.

Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата со јавно гласање. Владата ќе биде избрана доколку за неа гласале мнозинството од вкупниот број пратеници.

Парламентарното мнозинство кое се очекува да ја поддржи новата Влада во законодавниот дом брои 78 пратеници – 58 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 14 пратеници од коалицијата Вреди и шест од Движењето ЗНАМ.

Идната влада, вклучувајќи го и Христијан Мицкоски како премиер, ќе брои 24 членови. Во неа ќе има пет вицепремиери и само три жени министерки.

Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.