Македонија Со европски пари, Општина Охрид ќе реализира два проекти

Со европски пари, Општина Охрид ќе реализира два проекти

Општина Охрид доби два гранта од Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција, во вкупна вредност од 780.000 евра.

Првиот грант во висина од 180.000 евра европски пари го доби за проектот „Меѓугранична соработка и интегрирани здравствени и социјални услуги за стари лица и за деца и нивна превенција“. Грантот е од програмата ИПА2 на ЕУ за спроведување активности во чиј фокус се старите лица, децата и социјално ранливите категории.

Целта на овој грант е преку истражување во руралните области, програма за социјална и здравствена превенција, мобилни социјални и здравствени услуги, да се зголеми бројот на луѓето што ќе ги користат социјалните и здравствени услуги со фокус на старите лица, децата и на социјално ранливите категории.

Вториот, од 600.000 евра, ќе се реализира преку ЈП „Охридски комуналец“, за проектот „Одржливо управување и третман на био-отпад со користење методи за производство на био-гориво“.

Обезбедувањето на законски и на финансиски услови за одржливо управување со отпадот и за негов третман ќе доведе до успешен економски развој на јавното претпријатие и до намалување на дивите депонии во Охридскиот Регион.

Ваквите активности значат и заштеда на енергија, бидејќи конвертирањето на био-отпадот во био-гориво ќе генерира одреден процент од вкупното количество енергија што се користи.