Главна секција Со боја врз бараките на Град Скопје, мирно заврши граѓанскиот протест

Со боја врз бараките на Град Скопје, мирно заврши граѓанскиот протест

Со бојадисување на фасадата на бараките на Град Скопје и со извици „Секој ден во шест“, заврши денешниот протест на граѓаните против аболицијата за функционери која ја донесе претседателот Ѓорге Иванов.  Собирот помина мирно и без никакви инциденти.

Граѓаните и денеска, точно во 18 часот, ја блокираа улицата пред СЈО и го почнаа протестот, за подоцна преку Собранието и Владата да завршат пред објектот на Град Скопје.

Движејќи се по маршрутата постојано извикуваа: „Оставка, оставка“, „Нема правда, нема мир“, „Никола на робија“, „Мафијшка држава“, „Николче диктаторче“…

Еден од демонстрантите во името на целата група што протестира рече дека преговори во овие услови се невозможни. Тој уште еднаш ги повтори барањата на граѓаните: повлекување на одлуката за аболиција од претседателот Иванов и негова итна и неотповиклива оставка, Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство, да се формира специјално одделение во Кривичниот суд за случаите за кои е надлежно СЈО, да се повлече одлуката за избори на 5 јуни, да се вклучат независни претставници во процесот на решавање на политичката криза и преговорите да се одвиваат на територија на Република Македонија.

Тие бараат и преодна влада, која ќе ги имплементира забелешките од Рајнхард Прибе.