Дописници Следната недела ќе почне реконструкција на прилепската железничка станица

Следната недела ќе почне реконструкција на прилепската железничка станица

Следната недела ќе почнат градежните активности за реконструкција на прилепската железничка станица.

Предвидено е целосно да бидат заменети покривите и подовите, да се санираат фасадите и внатрешноста на станицата, како и да биде поставена нова термичка изолација и нови тоалети. Реконструкцијата ја опфаќа и водоводната и електричната инсталација, внатрешното и надворешното осветлување, како и поставување системи за греење и за ладење и противпожарна заштита.

Со овој зафат се планира и модернизирање на патнички информативен систем, како и тоа станицата да се направи попристапна за лицата со намалена подвижност.

– Се работи за инвестиција од 2,2 милиони евра. Почнуваме од Прилеп, а потоа, како што ќе добиваат одобренијата за градење, ќе продолжиме низ цел Коридор 10 – изјави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Б.Б.