Македонија СКУП: Секоја година, нови 4.500 случаи на заболени од рак

СКУП: Секоја година, нови 4.500 случаи на заболени од рак

Во Македонија секоја година се појавуваат нови 4.500 случаи на карцином од различен вид, иако светските стручњаци тврдат дека оваа бројка е многу поголема, односно дека се работи за дури 7.000 случаи, објави во истражување СКУП-Македонија.

Сепак, во моментов, државните институции не водат евиденција дали карциномот го добиваат претежно пациенти кои живеат покрај фабрики и топлани, а кои се сметаат за најголеми загадувачи. Само се водат генерални бројки.

„СКУП истражуваше како и во која мера аерозагадувањето може да се поврзе со појавата на карциноми кај населението. Сознанијата се алармантни: дури две третини од годината сме изложени на загадување, а се проценува дека една третина од смртните случаи се од аерозагадување. Високите концентрации на штетни гасови во последниве години се забележуваат и во летните месеци. А кога на ова ќе се додаде и фактот дека претстои грејната сезона, може само да се претпостави дали ќе ги надминеме рекордните загадувања на воздухот кои ги имавме зимоска – пишува во истражувањето.

Според истражувањето, воздухот во Македонија е меѓу најзагадените во Европа, а загадувањето со години ги надминува европските стандарди. Македонија е на прво место на листата на Светска банка, кога станува збор за изложеност на граѓаните на загаденост на воздухот со цврсти честички, а на петто место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух, односно од честичките ПМ 10 .

Според Светска банка, цврстите честички се одговорни за повеќе од 1.350 смртни случаи годишно.
„Прераната смртност се појавува од кардиопулмонарни заболувања и рак на белите дробови. Во 2011 година, нивото на загадување од цврсти честички беше примарно одговорно за 485 нови случаи на хроничен бронхитис, 770 болнички приеми и 15.200 итни посети. Со намалување на ПМ10 и ПМ2,5 до европските гранични вредности, ќе се избегнат повеќе од 800 смртни случаи и многубројни изубени работни денови, со што ќе се реализира заштеда во здравствени трошоци од 151 милиони евра годишно – се нотира во извештајот на банката.