Економија СКСЗМ: Власта да не му прави пречки на бизнисот, економијата е во...

СКСЗМ: Власта да не му прави пречки на бизнисот, економијата е во тешка состојба

Локалната и централната власт да не го опструираат бизнисот, да ги почитуваат законските и административните постапки, наместо да ги менуваат одлуките и Деталните урбанистички планови (ДУП) преку ноќ, апелира денеска Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ).

Претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа на прес-конференција рече дека ваквите пречки што им ги прават локалните и централната власт на компаниите, не значи само стагнација на бизнисот, туку и обесхрабрување за натамошни вложувања.

– Силно ги осудуваме дневните политики кои ги попречуваат капиталните инвестиции, а имаат единствена цел да добијат поени на сметка на бизнисот – рече Хоџа.

Тој потсети дека градежништвото во вториот квартал годинава бележи пад од околу 13 проценти. Комората предупреди и дека македонската економија е во тешка состојба поради актуелните политички и социјални случувања.

Од таму, како еклатантни примери ги посочија станбениот објект во Општина Карпош и оној спроти Мајчин дом, чија изградба е спорна и времено стопирана. Компаниите сметаат дека граѓаните реагираат зашто биле изманипулирани и доведени во заблуда од страна на политичките партии, а најгласни на протестите биле оние советници што ги поддржале ДУП-овите.

– За оваа локација цела година подготвувавме документи. Многу пари вложивме и многу работници ангажиравме. Правиме и повеќе зеленило отколку што има. Не е целта да земаме обесштетување, туку да ја развиваме економијата, да вработиме луѓе и да придонесуваме за државата. Во моментов имаме времено стопирање на изградбата поради неправилно поставување на оградата, но ќе продолжиме со работа за 15 дена – изјави инвеститорот на објектот кај Мајчин дом, Фатмир Етеми, кој досега вложил, како што рече, 5,5 милиони евра, а вкупната инвестиција е околу 12 милиона.

Според него, не може откако ќе се завршат сите постапки и откако инвеститорот ќе ги добие сите одобренија, некој да му каже дека не може да гради.

– Ако не сум имал право законски да градам, не требало да ми издадат одобрение за градба, истакна Етеми.

Објасни и дека се работи за 5.000 квадрати земјиште, при што не се гради на целата парцела, туку на само 1.700 метри квадратни. Другиот дел, од околу 3.000 квадрати ќе биде зеленило и паркинг. Проектот дополнително предвидува и хоризонтални и вертикални градини што е многу скапа инвестиција.