Галерија Скопскиот плоштад ќе светне и ќе прсне со 128 светилки и млазници

Скопскиот плоштад ќе светне и ќе прсне со 128 светилки и млазници

Новиот лик на скопскиот плоштад е готов, а тарабите со кои беше ограден деновиве почнаа да се отстрануваат.

Наскоро треба и свечено да биде промовиран.

Според планираното, на плоштадот Македонија е изградена фонтана во правоаголна форма, со димензии 20 на 10 метри и со вкопано армирано бетонско корито. Површината врз коритото треба да биде изработена од светлосиви гранитни плочи со димензии 60 на 60 сантиметри и со дебелина од 10 сантиметри.

На плочите од фонтаната ќе бидат поставени ЛЕД-светилки со отвори за вградување млазник. Фонтаната ќе ја сочинуваат 128 млазници со 128 светилки. Визуелниот ефект на фонтаната ќе се постигне со игра на млазевите, а навечер и со игра на светлата.

Во близина на фонтаната ќе се изведе комора, односно машинска хала, во која ќе се постави неопходната опрема за работењето на фонтаната: сензори, скимери, филтри, сонди и друго.

Покрај изведбата на површинска фонтана, на плоштадот Македонија е извршена и реконструкција на партерот.

Водата што прска од млазниците ќе понира меѓу плочите и ќе се враќа во системот. Атмосферските води од партерот, преку каналетки, ќе се одведуваат преку постојната атмосферска мрежа.

Проектот за изградба на површинската фонтана и за реконструкција на партерот на плоштадот Македонија е на Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови – Прилеп, а на терен работеа екипите на градежната компанија „Трансмет“ од Скопје. Овој проект, според најавите, чини околу 150 милиони денари, од кои Град Скопје обезбеди една третина, а Владата на Република Македонија – две третини.