Дописници Скопската фирма „Инвест билдинг“ ќе ја гради зградата под Плаошник

Скопската фирма „Инвест билдинг“ ќе ја гради зградата под Плаошник

Советникот од ЛДП, Дејан Блажески, откако се посомневал дека локалната самоуправа го крие купувачот на атрактивната локација во старото градско јадро, под Плаошник и пред црквичката „Св.Јован Канео“, побара од градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, тој јавно да се произнесе.

Бакрачески одговори дека локалната самоуправа ништо не крие и дека името на фирмата што го купила земјиштето било објавено на општинската веб-страница уште на 5 март, а обидите на опозицијата да прави прашање и сензација од нешто што сите го знаат, ги оцени како „евтини шпекулации кои не можат да поминат во јавноста“.

– Името на фирмата е „Инвест билдинг“ и таа е со седиште во Општината Аеродром во Скопје. Името е објавено на нашиот општински портал www.ohrid.gov.mk, како и на веб-страницата на надлежната институција што ја изврши аукцијата. Опозиционерите требаше само да ја отворат општинската веб-страница и да прочитаат која е фирмата што го купила земјиштето и така немаше денеска да поставуваат вакви прашања, кои се одговорени пред целата јавност и да прават евтин обид да ја доведат јавноста во заблуда – рече Бакрачески.

Дејан Блажески, сепак, остана упорен дека Општина Охрид го чувала во тајност купувачот на парцелата во првата урбана зона на градот, со тоа што манипулирала со информацијата на официојалната веб-страница на локалната самоуправа.

Се огласија и од Општина Охрид, тврдејќи дека е таа една од најтранспарентните во Република Македонија.

„Целата постапка беше јавна и транспарентна, за што јавноста беше навремено информирана. Право на надлежното одделение при Општината е да врши корекции на веќе објавени текстови, доколку станува збор за граматички или измени од техничка природа“, соопштија од локалната самоуправа.