Македонија Скопјани ќе пијат поевтина вода, ама може поскапо да ја плаќаaт

Скопјани ќе пијат поевтина вода, ама може поскапо да ја плаќаaт

Новите цени на водата што Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје сака да им ги наплаќа на скопјани се повисоки од сегашната.

Имено, со одлука на Регулаторната комисија за енергетика, која од почетокот на годинава е надлежна и за утврдување на максималните цени на водата, и со одлука на Управниот одбор на Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје, водоснабдувачот наместо досегашните 29,39 денари за кубен метар вода ќе треба тоа количество во иднина на потрошувачите да им го продава за 28,67 денари.

Но, на таа цена ќе се додадат и 2,04 денари за секој кубен метар вода, на име на одржување на двете пречистителни станици за отпадни води на реките Лепенец и Треска, па цената што скопјани би ја плаќале ќе изнесува 30,71 денари за кубен метар, односно речиси 1,3 денари поскапо од сегашната цена од 29,39 денари.

Од „Водовод и канализација“ објаснуваат дека трошоците за пречистителните станици годишно ќе изнесуваат 100 милиони денари (1,62 милиони евра.

– Новата цена ќе биде со дополнително 2,04 денари на цената за кубен метар поради трошоците што ги имаме за работата на двете станици – изјавија од „Водовод и канализација – Скопје“ за „Мета“.

Новата цена на водата би стартувала откако ќе биде изгласана од Советот на Град Скопје, како основач на јавното претпријатие.