Хроника Скопјанец осомничен за упад во веб-страницата „Експлоринг Маседониа“

Скопјанец осомничен за упад во веб-страницата „Експлоринг Маседониа“

Четириесет и четиригодишен скопајнец бил осомничен дека неовластено упаднал во компјутерскиот систем на компанијата „Некстсенс“, преку кој била уредувана интернет-страницата „Експлоринг Маседониа“ (exploringmacedonia.com), соопшти МВР.

Секеторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, против осомничениот А.Т. (44) поднел пријава за оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем.

Според МВР, во серверската единица на компанијата, нелегално упаднал во јуни минатата година и извршил промена на официјалната содржина на интернет-страницата.

„Од доставените податоци за сите извршени неовластени најавувања до уредувачкиот сервер, извршена е анализа на истите и утврдени се ИП-адреси од кои е пристапувано со време и со датум, и со понатамошна истрага утврден е корисникот на истите – лицето А.Т., воедно и сторител за гореспоменатото кривично дело“, стои во соопштението од МВР.

Полициски екипи извршиле претрес во домот на осомничениот, каде биле пронајдени компјутерите преку кои, како што велат од МВР, А.Т. го извршил неовластеното пристапување на компјутерскиот сервер во сопственост на  „Некстсенс“.

„Од пронајдените елементи на интернет-пристап, односно пристапувани ИП-адреси и виртуелни мемориски медиуми, може да се констатира дека споредени со анализираните најави и прикачените датотеки во критичната дата и време од оштетениот уредувачки сервер, дека се исти согласно ИП-адреси, УРЛ-патеки и датотеки кои се добиени од вештачењето на привремено одземената компјутерска опрема од А.Т. , при што е констатирано дека пријавениот неовластено пристапувал кон серверот“, соопштуваат од МВР.